Connect with us

Други спортови

Швајцарија обезбеди финале на Хопман куп

Швајцарската тениска селекција обезбеди пласман во финалето на Хопман купот кој се одржува во Перт, а кој е увертира во првиот гренд-слем годинава Австралија опен.

Во рамките од последното 3.коло на Б групата, Швајцарија со 3:0 во победи ја доби селекцијата на САД.

Швајцарија која настапува во состав Федерер – Бенчиќ ги доби трите меча против американската комбинација Сок-Вандервеге.

Белинда Бенчиќ во мечот против Коко Вандервеге одигра два сета кои ги доби со 7-6 и 6-4, а и на Роџер Федерер му беа потребни два сета да го добие дуелот против Џек Сок и тоа првиот сет во тај-брејк со 7-6 (7-5), а вториот со 7-5 во гемови.

Мечот во мешани двојки им припадна на Швајцарците со 2:0 во сетови.

Со оваа победа Швајцарија го освои првото место во Б групата, а со тоа се избори и за настап во финалето.

Во вториот дуел од оваа група, без резултатско значење, Русија со 2-1 во победи ја совлада Јапонија.

Во А конкуренцијата, утре на програмата се дуелите од последното 3.коло, меѓу Белгија и Канада, односно домашната селекција на Австралија и селекцијата на Германија.