Фудбал
Скандал поврзан со Јувентус – Најголема афера по Калчополи, побаран притвор за Ањели!?
Јувентус вечерва игра многу важен натпревар од Лигата на шампионите. „Бјанконерите“ се уште имаат теоретски шанси да се пласираат во втората фаза од натпреварувањето, првиот чекор е победа над Бенфика, а потоа во последното коло би требало да го совладаат ПСЖ, а Макаби да го совлада португалскиот тим. Не толку можно сценарио, поверојатна опција е продолжување на натпреварувањето во Лига Европа.
Ова ќе донесе огромен минус во касата на торинскиот гигант, а светските и италијанските медиуми пренесуваат дека Андреа Ањели и другите челници на Јувентус се под истрага.
Јавниот обвинител на Торино за време на истрагата побара и куќен притвор за претседателот Ањели, но барањето подоцна беше одбиено од судијата поради недостиг на докази.
„Бјанконерите“ се сомничат (а според некои италијански медиуми беа прогласени за виновни) за фалсификување документи поврзани со финансиската состојба на клубот. Манимулирале со пазарните цени, како и со договорите за позајмување играчи. Ако имало манипулација со бројките, тоа значи дека бројките дадени на УЕФА во однос на финансискиот фер-плеј се неточни! Според тврдењата на обвинителот, Јувентус криел загуба од околу 200 милиони евра во период од три години со фалсификување документи. Загубите изнесуваат 542 милиони евра, а пријавени се 339 милиони евра.
Клубот се огласи, негирајќи каква било криминална активност. Сега на ред е адвокатскиот тим на клубот кој ќе има рок од 20 дена да одговори на обвинувањата. Потоа се одлучува дали предметот ќе оди кај судија или не, целиот процес би требало да трае со месеци.