Ракомет
Средбата Целје – Вардар е дерби на 5. коло во СЕХА
Натпреварот од 5. коло на СЕХА Газпром лигата меѓу Целје и Вардар е прогласен за дерби на колото. Двете екипи во своите витрини го имаат трофејот од лигата на шампионите, а Вардар и три пехари СЕХА лигата. Ова е втора сезона како тимовите треба да играат меѓусебе во регионалното натпреварување.
За Вардар ова е втор меч што е прогласен за дерби на колото во СЕХА Газпром лигата сезонава, откако истото беше направено и за гостувањето на Мешков во Скопје на почетокот на месецов. Средбата со Целје е закажана за 21 октомври во 17,45 часот.
Актуелниот победник на СЕХА Газпром лигата, Вардар има серија од четири триумфи сезонава во лигата. Целје на четирите средби има два триумфа, дома со Горење и на гости кај Татран Прешов, загуби на домашен терен од Мешков, а одигра реми со ППД Загреб пред неколку денови.
Во октомври Вардар треба да одигра две средби. Прво ќе биде домаќин на ППД Загреб на 17 октомври, како дел од 6. коло што треба да се одигра порано, а потоа заминува за Словенија на дербито со Целје.
Лани во СЕХА Газпром лигата на првиот меѓусебен меч, Вардар на гостувањето победи со 40-29. На реваншот во Скопје беше 33-31.