Connect with us

Фудбал

Станиќ очекува позитивен резултат на средбата со Босна и Херцеговина

Македонската фудбалска репрезентација до 17 години денеска во 15 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го започнува квалификацискиот турнир за пласман во Елитната фаза УЕФА квалификации за пласман на Европското првенство.

Селекторот на Македонија, Горан Станиќ вели дека првиот дуел е важен, но убеден е дека сите ќе го дадат својот максимум за да се оствари поволен резултат.

Прв противник на „црвено-жолтите“ е селекцијата на Босна и Херцеговина.

– Против квалитетниот состав на Босна и Херцеговина го отвораме турнирот во Скопје. Гостинската селекција е силна, минатата година беа учесници на Европското првенство до 17 години, сега создаваат нова генерација и секако не очекува тежок натпревар. Ние одигравме неколку контролни натпревари како подготовка за овој квалификациски турнир и се надевам дека во вистински момент ќе дојдат и резултатите. Првиот натпревар е важен и сигурен сум дека сите ќе го дадат максимумот со цел да стигнеме до поволен резултат, изјави Станиќ за веб страницата на ФФМ.

На другиот дуел од 1.коло на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари играат репрезентациите на Молдавија и Словачка.