Connect with us

Фудбал

„Судењето на векот“ почнува следната недела: Манчестер Сити ја почнува најважната битка во историјата на клубот

Следната недела конечно почнува судењето на Манчестер Сити за дури 115 прекршувања на финансискиот фер-плеј.

„Судењето на векот“ може да резултира со најголемата казна во европскиот фудбал, дури и поголема од познатиот скандал „Калчополи“ што ја потресе Италија на почетокот на овој век. Сити е обвинет за кршење на правилата за финансиски фер-плеј, а првото судско рочиште е закажано за в понеделник.

Судењето ќе трае дури десет недели, а пресудата ќе биде изречена на почетокот на 2025 година. Сити ќе мора да одговори на обвинувањата дека ги фалсификувал финансиските извештаи од 2009 до 2023 година и дека не соработувал со официјални лица од Премиер лигата.

Во овој период тој ги освои речиси сите негови трофеи во историјата – осум шампионати на Англија, Лигата на шампионите, три ФА купа, шест Лига купови, четири Суперкупа на Англија, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.

Челниците на Сити ги демантираат сите обвинувања, а казните со кои се соочуваат се навистина огромни. Славниот клуб би можел да се соочи со огромни финансиски казни, одземање на бодови за оваа сезона, па се до одземање на трофеи и исфрлање од Премиер лигата.