Connect with us

Фудбал

Уште еден „шамар“ за Барселона: Рајо и Фалкао ги расплакаа Каталонците

Вонредното 11. коло од шпанската Ла Лига понуди интересен дуел помеѓу Рајо Ваљекано и Барселона.

Тимот од предградието на Мадрид одигра одличен натпревар и и зададе нов удар на разнишаната Барселона.

По неколку добри акции и можности пред двата гола, мрежата се затресе во 30. минута. Одлична акција на домашните, Трехо асистираше, а искусниот Радамел Фалкао погоди за 1:0.

Во продолжението од натпреварот Барса бараше израмнувачки гол. Имаше добри шанси, особено за Депај, кој промаши пенал во 62. минута од натпреварот. Добри шанси имаше и Гави, но мрежата на домаќините мируваше.

Домашните се заканија кон голот на Каталонците и во вториот дел. Се издвојуваат обидите на Фалкао и Лопез кој влезе во игра во вториот дел.

До крајот на натпреварот останаа 1:0 и Рајо освои големи три бода и со тоа му зададе нова „шлаканица“ на тимот од „Ноу Камп“. Интересно, мечот траеше речиси 100 минути, откако вториот дел беше продолжен за осум минути.

По 11 одиграни кола, Барселона е на деветтата позиција со 15 бодови и ова им беше трет пораз сезонава, додека Рајо Ваљекано има одлична сезона за нив и моментално е на феноменалната петта позиција со 19 бодови, односно на позицијата која води на крајот од сезоната во европските натпреварувања.