Connect with us

Ракомет

Вардар – Барселона прогласен за меч од висок ризик

 Дерби натпреварот од 5. коло на Лигата на шампионите помеѓу Вардар и Барселона е прогласен за натпревар од висок ризик поради големиот број на навивачи кои ќе бидат присутни.

Во сабота со почеток од 17:30 часот, Вардар ја пречекува Барселона, а салата „Јане Сандански“ е веќе распродадена.

Вардар информира дека натпреварот е прогласен за меч од висок ризик и дава неколку корисни совети за оние кои ќе присуствуваат.

„Натпреварот од 5. коло во групната фаза од лигата на шампионите меѓу Вардар и Барселона ќе биде меч од висок ризик поради големиот број на гледачи што се очекуваат во салата во СЦ „Јане Сандански” во сабота.

Средбата меѓу Вардар и Барселона е закажана за в сабота од 17,30 часот.

РК Вардар во соработка со полицијата реши за саботниот натпревар да го затвори паркингот до салата за користење. Поради тоа им се препорачува на сите гледачи навреме да дојдат во салата, а доколку патуваат со автомобил да бидат свесни дека е можно да има застој во сообраќајот поради очекуваниот голем број на гледачи во салата.

Истовремено ги потсетуваме сите гледачи дека во салата е забрането внесување на тврди предмети, и контролата на влезовите ќе биде вообичаена за ваков тип на натпревари“, стои во соопштението на Вардар.