Ракомет
Вардар ја продолжи победничката низа
Ракометарите на Вардар синоќа забележаа уште една победа, го совладаа Татран Прешов со 32:28 во дуел од четвртото коло на регионалната СЕХА Газпром лига.
И покрај уморот од гостувањето во Полска кај Висла во Лигата на шампионите, вардарци покажаа дека можат во континуитет да одиграат квалитетно и дека има долга клупа на која има квалитетни ракометари.
Во домашниот состав поради повреда на грбот го немаше голманот Страхиња Милиќ, а одмор добија и бековите Даинис Криштопанс и Жоан Кањељас. На листата на повредени е и крилото Владо Недановски. Шанса повторно да играта добија Мартин Поповски и Тоше Ончев.
Дуелот со словачкиот тим „црвено-црните“ може да се каже дека го добија уште во првото полувреме во кое се стекнаа со предност од седум голови (18:11). Во еден момент од вториот дел имаа и плус 8, доволно за мирен финиш и сигурна победа.
За Вардар ова беше четврти триумф на исто толку средби од СЕХА, додека словачкиот тим го запиша вториот пораз.
На другите два вчерашни дуела: Мешков Брест – Динамо Панчево 29:26, ППД Загреб – Цеље 25:25.
Табела: Вардар 12 бода, ППД Загреб 7, Цеље 7, Металург 6 (натпревар помалку), Татран 6, Мешков Брест 6, Горење 3, Нексе 3, Динамо Панчево 3, Војводина 0.
Веќе в сабота во Скопје гостува француски Нант во второто коло од Лигата на шампионите.