Connect with us

Фудбал

Вардар подготвен за новата сезона: Ѓуриќ со оптимизам пред првиот меч против Брера

Вардар е во завршна фаза на подготовките за првиот натпревар од новата сезона против Брера, кој ќе се одигра во Струмица. Дефанзивецот Дејан Ѓуриќ, кој минатата полусезона се истакна со своите одлични настапи и го освои симпатиите на навивачите, зборуваше за очекувањата пред престојниот меч.

„Мислам дека сме спремни за првиот натпревар од новата сезона. Се надевам дека ќе донесеме три бода во Скопје,“ изјави Ѓуриќ, покажувајќи оптимизам за стартот на сезоната.

Се очекува голема поддршка од навивачите на стадионот Младост, со присуство на фанови на двете екипи. „Минатата сезона игравме меч за опстанок во Првата лига и навивачите ни беа 12-ти играч, како и на секој натпревар. Очекувам да дојдат во што поголем број и со нивна помош да победиме и да се радуваме,“ додаде српскиот фудбалер, истакнувајќи ја важноста на поддршката од трибините.

Во споредба со минатата сезона, Ѓуриќ забележува значителни подобрувања во условите во клубот. „Условите се многу подобри. Мислам дека овие услови што ги нуди Вардар ги нема во ниту една екипа во македонскиот фудбал. Навистина европски услови, и база, и терен и опрема, сè што нуди овој клуб е на високо ниво. За разлика од лани, условите се подобри. Се среди ситуацијата, но и минатата сезона беше добро, игравме и се боревме за овој клуб. Кога играш во овој клуб, мораш да се бориш за овој грб и за овие бои,“ истакна тој.

Ѓуриќ исто така ја коментираше и интеграцијата на новите играчи во тимот. „Ќе ни помогнат во остварување на нашата цел. Има тука неколку играчи кои се навистина добри, Ќосиќ, Захариќ, Дианеси, Шарковски… сите тие играле сериозен фудбал и мислам дека многу ќе ни помогнат,“ рече тој, изразувајќи надеж дека новите засилувања ќе ја подигнат квалитетот на екипата.

Вардарци се надеваат на успешен старт на сезоната и позитивен резултат против Брера, со поддршка од своите навивачи и новите засилувања во тимот.