Connect with us

Други спортови

Велосипедска „Тура преку Слива“ во Прилеп

Во Прилеп денеска се одржува четвртата по ред велосипедска тура „Тура преку Слива“. Организатор е здружението „Велосипед 2015“ со поддршка на општина Прилеп. На оваа манифестација има околу 150 учесници од повеќе градови од Македонија.

Според Душко Димкоски, од здружението „Велосипед 2015“ голем е одзивот на учесниците на турата која почна од Прилеп, преку превојот Слива во Мариово.

– Преку превојот Слива се упатуваме кон Пелагонија и се враќаме повторно во Прилеп. Голем е интересот за планинскиот велосипедизам и се повеќе учесници се решаваат на алтернативниот начин на спортување. Прилеп важи за еден од поголемите центри за развој на овој вид на туризам, вели Димкоски.

Спире Лазаров дојден е да учествува на турата од Скопје. – Ова ми е втора година како што учествувам на турата, досега се е супер, немам зебелешки и ќе доаѓам во иднина. Патеката е интересна, променлив е теренот, а пределот е живописен. Пелагонија е специфичен крај. Во последните неколку години велосипедизмот е во подем бидејќи се појавија вакви здруженија во речиси сите градови кои го промовираат овој спорт, рече Лазаров.

Учесниците ќе имаат можност да посетат и повеќе знаменитости меѓу кои макетата на црквата во село Штавица изградена за потребите на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, праисториското светилиште „Палатица“ како и видиковецот „Св.Петка“ над село Штавица, потоа летниковецот „Слива“ и кралската гробница на археолошкиот локалитет „Старо Бонче“ кај месноста Павла Чука.