Connect with us

Фудбал

ВИДЕО Фабињо со тигар претставен во Саудиска Арабија, навивачите се прашуваат: Дали се пресели во Ал-Итихад или во циркус?

Ал-Итихад го претстави Фабињо во „најлудото најавено видео досега“ – со играчот кој води тигар на поводник.

Тимот од Саудиска Арабија успеа да доведе големо засилување во форма на бразилски репрезентативец, кој ќе заработува 450.000 евра неделно, додека неговиот поранешен клуб Ливерпул од продажба заработил околу 44 милиони евра.

Фабињо има 29 години и стана последната ѕвезда која ја напушти Европа и се пресели на Блискиот Исток.

Воведното видео на Фабињо започна со прикажување и исмејување на медиумскиот извештај кој сугерираше дека неговиот трансфер пропаднал поради неговите миленици. Бразилецот има два француски булдога, но тие беа забранети во земјата, па се чини дека е најдено решение. Фабињо на крајот од видеото вели: „Јас сум тигар“.

Навивачите на Бразил беа збунети од оваа објава на саудискиот клуб, а еден напиша: „Што е со тигарот? Дали таа Фабиња ја продадовме на Ал-Итихад или на циркусот?“

Инаку, пред Фабињо да замине од Ливерпул во Саудиска Арабија си замина долгогодишниот капитен Џордан Хендерсон, кого Стивен Џерард го доведе во Ал-Етифак. А во пресрет на промоцијата во новиот клуб, Бразилецот се прости од навивачите на Ливерпул:

– Денеска си заминувам од дома. Овој дрес го носам пет години и секогаш со најголема можна гордост и среќа. Од првиот ден во Ливерпул сите ме прегрнаа. Она што го видов во овој клуб, односот меѓу луѓето, ме натера да се чувствувам како дел од семејството. Во овие пет години пораснав како играч, како личност, ги остварив моите соништа. Со тој дрес ја освоив секоја титула за која играч може да сонува. Премиер лига, Лига на шампиони, ФА Куп, Карабао куп, го достигнав највисокото ниво и играв на Светско првенство. Благодарение на Ливерпул го исполнив мојот сон да влезам на стадионот со мојот син во раце. Благодарение на Ливерпул играв на најдобриот стадион во светот, го доживеав најголемиот меч во мојот живот, кам-бекот против Барселона, кој беше возможен само благодарение на Енфилд. Тој момент ќе ми остане засекогаш во сеќавање. Го кажувам ова со срце полно радост: Го сакам овој клуб. Ви благодарам, Црвено, за се што доживеавме заедно. Никогаш нема да шетате сами – напиша Фабињо на социјалните мрежи.