Фудбал
ВИДЕО: Во масовната тепачка на навивачи во Штип бил нападнат и полицаец, 17 лица заработија кривични пријави
Министерството за внатрешни работи го расчистува случајот со масовната тепачка на навивачките групи на Брегалница и Тиквеш која се случи во центарот на Штип вчера околу 13 часот. Биле употребени палки и тврди предмети, а според информациите повреден бил и полицаец. МВР досега идентификувала 17 лица кои учествувале во тепачката. Како што велат од таму, овие лица ќе заработат кривични пријави. Се уште се работи на случајот велат од МВР.
ОФИЦИЈАЛНО СООПШТЕНИЕ ОД МВР
На 28.11.2020 околу 13.20 часот на ул. „Борис Кидрич“ и ул.„Партизанска“, кај кружниот тек во Штип, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу навивачките групи на ФК Брегалница од Штип и ФК Тиквеш од Кавадарци. Полициски службеници кои вршеле службени дејствија со намера да го спречат нарушувањето презеле соодветни дејствија. При тоа полициски службеник од страна на Н.Д.(20) и Х.Ѓ.(21) двајцата од Кавадарци бил нападнат со тврд предмет и со пиротехничко средство.
Против Н.Д. и Х.Ѓ. ќе биде поднесна кривична пријава за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“ по чл.383 ст.1 од КЗ. Од страна на полициски службеници од СВР Штип и СВР Велес – ОВР Кавадарци се преземени координирани мерки при што до сега е утврден идентитетот на 17 учесници во овој настан. Лицата се повикани на информативен разговор во службените простории, а се преземаат мерки за утврдување на идентитетот и на останатите учесници во настанот. По целосно документирање и против останатите инволвирани ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.