Connect with us

Фудбал

Ждрепката за групната фаза на евротурнирите во Нион без претставници на клубовите

Нион, 9 септември 2020 (МИА) – Ждрепката за групната фаза од Лигата на шампионите и Лигата на Европа ќе биде извлечена во Нион и ќе помине без претставници на клубовите, објави УЕФА.

Извлекувањето првично требаше да се одржи во грчката престолнина Атина на 1 и 2 октомври, но сега треба да се промени поради пандемијата од коронавирус.

– И покрај ефективните активности на грчките власти за ограничување на ширењето на КОВИД-19, сите страни се согласија дека јавното здравје е најважно и според сегашните услови би било невозможно да се организира настан од ваков размер во Атина со прием на гости без да ги крши ограничувањата на настаните во затворено, објави УЕФА.

Ждрепката за групната фаза и прогласувањето на најдобрите играчи и тренери на двата турнира ќе се одржи во седиштето на УЕФА без претставници на клубовите и медиумите, но победниците ќе бидат присутни.

Церемониите ќе бидат пренесувани во живо низ целиот свет.