Connect with us

Фудбал

Под голем притисок откажан пријателскиот меч, Иранците сега бараат 10 милиони долари отштета

Канада и Иран требаше да одиграат пријателски фудбалски натпревар, но тој беше откажан под голем притисок. Фудбалскиот сојуз на Канада не соопшти никакви детали, само ја информираше јавноста дека нема да одигра пријателски натпревар со селекцијата на Иран, кој беше закажан за 5 јуни во Ванкувер.

Канадските власти ја критикуваа Фудбалската асоцијација за закажаниот натпревар со Иранците како подготовка за Светското првенство, а причината за тоа е што пред две години Иран собори авион чии патници беа претежно канадски државјани.

Имено, на 8 јануари 2020 година се урна авионот на летот PS752 од Техеран за Киев, при што загинаа 176 лица, од кои 85 Канаѓани.

Иранските вооружени сили три дена подоцна признаа дека „по грешка“ го собориле авионот.

Иранското Министерство за спорт ја осуди одлуката на Канада. Тврдењето на западните држави дека спортот не треба да се политизира, се покажа апсурдно со едностраното отфрлање на Канада, напиша заменик-министерот Сина Калхор на Твитер во четвртокот вечерта.

Иран ќе преземе правни мерки против Канада за откажувањето и ќе бара отштета од 10 милиони долари.

И Канада и Иран на крајот на годината ќе играат на Светското првенство во Катар, а сега ги очекуваат подготвителни натпревари.