Фудбал
Дали Кристијано Роналдо ќе направи трансфер кој ќе ја „раздрма“ фудбалската јавност?!
Баерн пред неколку дена го официјализираше доаѓањето на Садиo Мане, но се чини дека летниот преоден рок за нив само што започна.
Баварците завршија одлична работа доведувајќи го Мане кој по шест сезони реши да го напушти Ливерпул. Мане пристигна во Минхен за околу 35 милиони евра, што е уште една одлична работа на спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.
Сепак, медиумите во Германија пишуваат дека Салихамиџиќ би можел уште еднаш да ја „раздрма“ фудбалската јавност бидејќи наводно подготвува трансфер за паметење.
Баерн најверојатно ќе дозволи Роберт Левандовски да го напушти клубот и кариерата да ја продолжи во дресот на Барселона, а јасно е дека германскиот клуб мора да донесе достојна замена за полскиот напаѓач.
Како што соопшти утринава Kicker, прва мета на Баерн е Кристијано Роналдо. Португалецот не е многу задоволен од ситуацијата во Манчестер Јунајтед и долго се шпекулира дека би можел да го напушти клубот.
Роналдо сака да игра за клуб кој се натпреварува во Лигата на шампионите, а претходно се поврзуваше со трансфер во ПСЖ. Сепак, Баерн покажа голем интерес за Роналдо и е подготвен да му понуди двегодишен договор.
Доколку Јунајтед се согласи да го продаде овој играч, тој би можел да инкасира околу 15 милиони евра. 37-годишниот фудбалер има договор со „црвените ѓаволи“ до летото следната година.
Роналдо минатата сезона беше убедливо најдобриот играч на Манчестер Јунајтед и на 39 натпревари во сите натпреварувања успеа да постигне 24 гола и да додаде уште три асистенции.