Connect with us

Фудбал

Црно-белата магија повторно во Скопје

По успешно организираниот камп во април 2018 година и рекордната бројка на пријавени учесници, организаторите на Јувентус камп Македонија добија нова можност да ја донесат “црно-белата” магија повторно во Скопје. Фудбалските таленти од нашата земја повторно ќе добијат шанса да бидат дел од најтрофејниот италијански клуб и да соработуваат со врвни тренери кои со години се дел од “старата дама”, потврди Дино Дамјановски кој е еден од организаторите на Јувентус камп Македонија.

За почеток, какви се впечатоците од првиот камп на Јувентус во Скопје?

Јувентус камп Македонија 2018 беше одржан од 2 до 7 април, и на истиот италијанските тренери имаа можност да тренираат 130 фудбалери од цела Македонија на возраст од 5 до 17 години. За важноста на овој камп говори и фактот дека истиот беше отворен од страна на италијанскиот амбасадор, неговата екселенција Карло Ромеро и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, господинот Александар Наумовски. На стадионот “Македонски лавови” нашите фудбалери го живееја црно-белиот сон. Секој ден се будеа со “Јуве Сториа ди ун гранде аморе” и научија како се цени и дава се од себе за својот клуб. На кампот доделивме многу награди за најверните и најисполнителните фудбалери, од кои и 2 деца беа пратени на кампот на Јувентус во Белград.

Минатиот месец го посетивте Торино каде бевте гости на калчо гигантот Јувентус

Одличната организација и преголемата заинтересираност на децата придонесе за продолжување на соработката. Нашата посета во Торино беше на покана од директорите Давиде Форнака и Матео Меркури кои се исклучително одговорни за Јувентус академиите кои постојат низ целиот свет. Заедничкиот состанок резултираше со низа успешни новости.  Најпрвин добивме огромна пофалба за успешно сработениот Јувентус камп 2018 на кој нашиот камп е рекордер по заинтересираност и учесници во однос на околните кампови на целиот Балкан. Врз основа на тоа добивме понуда повторно да го донесеме еден од најдобрите светски клубови во нашата земја и да им овозможиме на нашите фудбалери уште една недела да го живеат црно-белиот сон имајќи можност да бидат дел од истиот тим како големите звезди и идоли на денешницата: Роналдо, Дибала, Бонучи…

Кога е следниот Јувентус камп во Македонија?

Новиот Јувентус камп Македонија е закажан од 22 до 27 април 2019 година. Покрај тренинзите, едукацијата, забавата ќе има и многу изненадувања и награди од организаторите за најпосветените фудбалери. Но нашиот состанок не заврши само со договарање на нов камп, се дискутираше за сите наши планови и опции кои ги имаме и кои можеме да ги оствариме во иднина. Тоа секако е присуство на гигантот Јувентус константно преку целата година, со отворање на Јувентус академија тука во Македонија, но за тоа времето е пред нас и секако дека сите сакаме тоа да се оствари.

За крај, дали македонските таленти ќе имаат можност да ја посетат или да заиграат на “Алијанц арена” во Торино ?

Последно нешто кое го добивме како бонус е можноста која ни ја дадоа да однесеме наша селекција на фудбалери во Торино, од 11 до 15 јуни 2019 година каде секоја година се одржува Јувентус Светски куп. Тоа е светско првенство на кое настапуваат сите држави во кои веќе се одржуваат Јувентус кампови и академии од целиот свет. Вкупно 32 фудбалери, односно 2 генерации по 16 деца, ќе бидат селектирани и ќе бидат дел од нашата Јувентус репрезентација која ќе не претстави следната година во Торино.
Фудбалерите кои присуствуваа на кампот 2018 и фудбалерите кои ќе бидат дел од новиот камп во април 2019 ќе имаат можност да бидат дел од еден ваков настан.