Фудбал
Наполи ме прогласи за мртов и бев тепан од директорот
Фудбалерот на германскиот бундеслигаш Ајнтрахт од Франкфурт, Џонатан Де Гузман, го шокираше фудбалскиот свет откако откри дека клупскиот доктор на италијанскиот калчолигаш Наполи, Алфонсо де Никола, за малку ќе му ја уништел играчката кариера.

Де Гузман од 2014 до 2017 година го носеше “азурниот” дрес. Во март 2014 година се пожалил на болка во стомакот, а клупскиот доктор Де Никола му наредил повеќе да не внесува јаглехидрати и да се одмара.
Поради константните болки, тренерот на Наполи, Рафа Бенитез, му кажал дека мора да посети друг доктор, но Де Гузман не добил дозвола од клупските челници затоа што Де Никола има големо влијание во Наполи.
Иако не се чувствувал добро, докторот му рекол дека е подготвен за игра, но тогаш започнале вистинските проблеми за поранешниот фудбалер на Свонси.
- Јас сум играч кој трча по 10 км на секој натпревар, но ако истрчам само шест, со пола сила, тогаш тренерот нормално нема да ме сака во својот тим. Во Наполи не ми веруваа дека сум повреден, можев да трчам и да одам, но не и да се вртам и да шутирам како што треба. Беа убедени дека јас нешто измислувам, дека се ми е во главата. Почнав да се сомевам во сигналите кои ми ги испраќаше моето тело. Беше болно, откри Де Гузман.
Во финишот од летниот преоден рок Де Гузман требаше да се врати во Премиер лигата, но реши да остане во Наполи. Таквата негова одлука не му се допадна на клупскиот директор Џунтоли.
- Бев во соблекувалната кога ме повика директорот. Ми се обрати како да сум г*мно и ми кажа дека треба да се упатам во дневниот престој за играчи. Ми кажа дека сум ветил дека ќе си заминам. Потоа ме удри во лице. Збеснав, започнавме физичка пресметка, столчиња летаа на сите страни. Не раздвои тимскиот колега Ѕунига. Ми беше кажано да си ги соберам сите работи, додава Де Гузман.
Холандскиот интернационалец потоа се обидел да оствари контакт со сопственикот на Наполи, Аурелио де Лаурентис.
- Се обидов да остварам контакт со претседателот Де Лаурентис, но не успеав. Неговиот син Едоардо дојде до мене и ми кажа: “Ти никаде не мрдаш, тука ќе останеш и мртов си за нас”. Бев целосно изгубен, не добив помош од тимските колеги. Ако пробаа, сигурно ќе беа казнети. Сакав индивидуално да тренирам, но тоа е невозможно во Наполи, открива Де Гузман.
По неколку месеци искусниот играч за врска добил дозвола да посети друг доктор кој веднаш открил дека станува збор за спортска хернија.
- Десет минути! Толку му требаше да открие дека станува збор за хернија и дека имам потреба од операција. Сепак повторно добив негативен одговор од Де Никола, кој не сакал да ми ја уништи кариерата со оперативниот зафат, додаде Де Гузман.