Фудбал
Агентот на Левандовски загрижен го побарал Лапорта, барал објаснување за ситуацијата
Роберт Левандовски јавно изјави дека сака да го напушти Баерн една година пред да му истече договорот. Како нов клуб најмногу се споменува Барселона, но се чини дека полскиот капитен се сомнева во можноста за тој трансфер, па побарал од својот агент Пини Захави итно да разговара со раководството на каталонскиот клуб.
Коментарите на претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, го исплашија Левандовски, принудувајќи го неговиот агент Пини Захави да бара „објаснувања“ од претседателот Жоан Лапорта.
Тебас инсистираше дека Барселона во моментов не може да потпише договор со 33-годишниот Левандовски, освен ако не може да ја намали сумата што ја издвојува за платите на своите играчи.
Во изјава за Марка, шефот на Ла Лига рече: „Тие (Барселона) знаат што треба да направат. Тие одлично ги знаат нашите правила за економска контрола и нивната финансиска состојба. Правилата се таму за да се избегнат големи економски проблеми. Не знам дали ќе ги продадат Де Јонг, Педри или Перез“.
Финансиските проблеми на Барселона се добро документирани, но коментарите на Тебас не беа топло прифатени од Лапорта и агентот на Левандовски.
„Мундо Депортиво“ тврди дека Захави побарал совет од Лапорта дали има основа во тоа што го кажал Тебас. Се известува дека управата на Барселона не била запознаена со забелешките на Тебас се додека Захави не ги предупредил.