Connect with us

Фудбал

Албанија во 95. минута ја шокираше Хрватска (ВИДЕО)

Хрватска и Албанија ги поделија бодовите во Хамбург во второто коло на Европското првенство играјќи нерешено 2:2 и со тоа двете селекции се оддалечија од пласман во осминафиналето на Европското првенство. Иако Хрватска имаше далеку поголем посед на топката во првото полувреме, избраниците на Златко Далиќ не успеаја да создадат ниту една сериозна прилика. Од друга страна, Албанија беше многу поконкретна и поопасна, која поведе веќе во 11. минута кога Лачи со одличен удар со глава по центаршутот на Асани ја затресе мрежата.

Потоа Албанија можеше да го удвои водството уште во два наврати, но Ливаковиќ двата пати ги спаси Хрватите. Прво брилијантно го одбрани ударот на Аслани во 31. минута, а потоа и ударот со глава на Манај во судиското надополнување во првото полувреме.

Хрватска тргна жестоко во преостанатиот дел од натпреварот и веќе по пет минути игра во вториот дел се закани Сучиќ, но Стракоша беше претпазлив. Важен детал од натпреварот се случи во 69. минута кога Далиќ го внесе Будумир наместо Петковиќ, кој имаше важна улога за пресвртот. Хрватска најпрвин израмни во 74. минута кога изведе одлична акција. На крајот резервистот Будимир му асистираше на Крамариќ, кој погоди за израмнување.

Само две минути подоцна целосен пресврт. Повторно Хрватска добро комбинираше, Будимир се избори за топка и асистира за Сучиќ, кој веднаш шутира. Топката потоа се одби од несреќниот Ѓасула и заврши во мрежата зад албанскиот голман.

Сепак, во петтата минута од судиското надополнување, Ѓасула се извади за автоголот и постигна гол за конечни 2:2. Хрватска и Албанија сега го делат третото место во групата Б со по еден бод, додека двете првопласирани селекции на Шпанија и Италија (кои имаат по три бода) утре од 21 часот ќе го одиграат натпреварот од второто коло. Хрватска групната фаза ќе ја заврши со натпреварот од третото коло против Италија кој е закажан за в понеделник од 21 часот, а во истиот термин ќе се одигра и пресметката меѓу Албанија и Шпанија.