Connect with us

Фудбал

Бразилските фудбалери со семејствата се качија во возот и го напуштија Киев, но на сопствен ризик (ВИДЕО)

Бразилските фудбалери кои играат во Украина се обидуваат да ја напуштат, но патот до спасот не е лесен.

Руската инвазија на Украина трае веќе трет ден, а во Киев во моментов се водат жестоки борби, иако ситуацијата не е поповолна ниту во многу други градови.

Бразилските фудбалери, кои играат за Динамо, Шахтјор или други украински тимови, беа сместени во засолниште на хотел во Киев, но сега го напуштија местото и со своите семејства маршираа во конвој од сопствени автомобили до железничката станица, од каде тие ќе патуваат со воз до Романија.

Сите се качија во возот и се упатија кон Романија, а сопругата на дефанзивецот на Шахтјор, Марија Соуза, во солзи известуваше за драматичното излегување од хотелот „Опера“, кој се наоѓа во Киев и е оддалечен само два километри од железничката станица.

„Ајде да си одиме одовде сега. Амбасадата објави дека ќе тргнат три воза. Тргнуваме во конвој со сите Бразилци кон станицата, но на наш сопствен ризик. Никој не може да ни ја гарантира безбедноста. Сето тоа е многу застрашувачко“. рече една жена која одзади на седиштето од автомобилот чуваше три мали деца додека го снимаше патувањето до железничката станица.

Бразилците првично одбиле да влезат во возот, поради недостаток на безбедност, но соочени со комплицираната ситуација во хотелот, каде што останале без храна, интернет и други работи, решиле да го напуштат местото каде што бегалците биле сместени.

Украинскиот гигант Шахтјор проговори за ситуацијата оваа сабота и рече дека се обидува да им помогне на странските играчи на клубот.

„Се обидуваме да најдеме опции за евакуација на нашите странци и нивните семејства. Внатрешна комуникација, размена на информации, меѓусебна поддршка“, изјави Сергеј Палкин, извршниот директор на Шахтјор.

Според пишувањата на медиумите, многу фудбалери во Украина биле заробени во хотели и повеќе немале контакт со своите клубови.