Connect with us

Фудбал

Чави конечно може да го отвори шампањот: Најголемиот „паразит“ на Барса конечно заминува?

Барселона веќе две години мака мачи со продажбата на Самуел Умтити.

Умтити веќе три години нема одиграно неколку натпревари во континуитет поради постојани проблеми со повреда на коленото, а Барселона неколку трансфер периоди се обидува да се ослободи од него.

Сепак, францускиот дефанзивец одби да ја напушти Барселона иако имаше клубови кои се обидоа да го доведат.

Умтити е еден од најплатените играчи во каталонскиот клуб и јасно е дека не сака само така да се откажува од парите и покрај тоа што повеќето натпревари на Барселона ги следи од трибините.

И ова лето Чави го пречкрта Умтити и му порача да си бара нов клуб, а во најлош случај Барселона дури и ќе го раскине договорот со него на своја штета, само за да се ослободи од него пред почетокот на новата сезона.

Но шпанските медиуми пишуваат дека Барселона конечно добила добри вести бидејќи се појавил клуб кој го сака Умтити. Наводно, интерес покажал грчкиот Олимпијакос кој го посакува Французинот во своите редови.

Барса и Олимпијакос следната недела ќе одржат состанок по кој ќе се знае дали Умтити ќе отпатува за Пиреја.

Грчкиот клуб е подготвен да го доведе Умтити на позајмица до крајот на следната сезона и се сигурни дека Барселона ќе се согласи на таква понуда. Средбата најверојатно ќе се одржи во понеделник, а Барса само се надева дека Умитит нема повторно да им прави проблем и да биде тој што ќе го расипе трансферот.