Connect with us

Фудбал

Човек без средно школо ја победи ФИФА: Му го украле патентот, може да добие 37 милиони евра отштета

Меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА ќе мора да плати необјавена сума за обештетување на Бразилецот Хајне Алемањ, човекот кој го измислил спрејот што го користат судиите ширум светот при изведувањето слободни удари. Врховниот суд на Бразил во вторникот ја отфрли жалбата на ФИФА и им наложи да платат отштета на Алемања и неговата компанија Спуни Комерцио де Продутос Еспортивос за неправилна употреба на неговиот изум.

Во 2000 година, Алемањ измисли спреј со кој судиите ја означуваат позицијата за слободен удар и живиот ѕид. Спрејот го користи јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ од 2009 година, а ФИФА првпат го употреби на Светското првенство во Бразил во 2014 година.

Алемањ ја обвини ФИФА за злоупотреба на патентиран производ и од нив побара отштета од 37 милиони евра, а се уште не се знае колку пари ќе добијат. Според бизнисмен од Минас Жераис, ФИФА му ја ветила оваа сума за да ги добие авторските права на спрејот. Но, после тоа го пуштиле спрејот без согласност на Алемањ, по што тој ги тужел уште во 2017 година.

“Ја победив ФИФА на секој начин. Ова е приказна за Давид и Голијат. ФИФА е гигант, тоа беше битка 23 години. Многу сум горд. Ја напишавме историјата на светскиот фудбал”, изјави Алемањ за Глобо.

Кој е Хајне?

Роден во Итуиутаба, град со нешто повеќе од 100 илјади жители, Хајне Алемањ Виларињо Диас потекнува од семејство со скромно потекло. Без да заврши средно училиште, Алемањ работел неколку работни места пред да се наметне како огласувач и пронаоѓач.

-Бев доставувач, продавав весници на улица, делев памфлети. Потоа отидов на сметководство, па во печатница… Основав и компанија, бев бизнисмен, работев на телевизија, реклами, денес се сметам за огласувач“, изјави тој за Глобо.

Освен маркетингот, фудбалот отсекогаш бил уште една од страстите на Хајне, поради што дошол на идеја да создаде нешто посебно.

„Самиот изум на спрејот се случи кога имав големи финансиски тешкотии. Работев на неколку места и мислев дека морам да ја сменам судбината, да бидам дел од нешто посебно“, објасни тој, додавајќи дека дошол до идеја за спреј додека гледал натпревар на ТВ. Сега кога правдата е задоволена, Хајне планира конечно да ужива во своето семејство и да продолжи со нови проекти, како што е новиот тип на електричен мотор што веќе го развива.