Connect with us

Кошарка

Џејмс: Не сум загрижен, иако играв лошо

Ѕвездата на Кливленд Кавалирс, Леброн Џејмс демонстрираше смиреност, и покрај тешкиот пораз од Бостон во првиот натпревар од финалето во Источната конференција на НБА.

Кавси загубија со 83:108, а „кралот“ го одигра најслабиот дуел во својата кариера во плејофот, откако заврши со 15 поени, со шут од игра 5/16, 7 грешки, а со него на паркетот, гостите губеа со минус 32 поени. Сепак, тој остана смирен.

„Во оваа фаза воопшто не сум загрижен. Тоа е почетокот на серијата, а идејата е со нејзиното напредување да се подобриме. И другпат сме заостанувале со 0-1 и 0-2, па воопшто не сум загрижен, без разлика колку лошо сум играл“, рече Џејмс.

Леброн и понатаму е уверен во својот тим, а по два дена ќе имаат нова можност да покажат што знаат. Статистиката вели дека гостинот од Охајо постигнал само 4 тројки од 26 обиди, а вкупно беа прецизни во само 35 отсто од упатените удари.

„Шутот од дистанца е важен дел од нашата игра. Дури и во овој натпревар имавме обиди од добри позиции, кои ги промашивме. Во следните натпревари сигурно треба да се справиме подобро, но ако ја движиме добро топката и излегуваме во добри позиции, тогаш сè ќе биде добро“, рече тој.

Кливленд, исто така, загуби од Индијана на почетокот на плејофот, но потоа успеа да направи целосен пресврт. 

„Тогаш се случи нешто слично. Изгубивме со 18 поени дома. Игравме лошо, па затоа треба веднаш да реагираме“, додаде, пак, Кајл Корвер од Кавс.