Connect with us

Фудбал

Двајца Македонци во новата сезона ќе го носат дресот на шкотски Данди Јунајтед

Шкотскиот фудбалски прволигаш Данди Јунајтед го комплетираше денеска трансферот на македоскиот репрезентативец Давид Бабунски од унгарски Мезоковеш.

Давид Бабунски (30) со шкотскиот клуб потпиша договор на една година со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.

„Длабоко сум благодарен за довербата што клубот ми ја укажа. Трпеливо чекав ова да се финализира и го одложив одговорот на другите понуди бидејќи со нетрпение чекав можност како што е оваа. Доаѓањето во земја во која фудбалската култура е голема и стандардот на лигата е висок, се дел од работите што ме мамат, а веќе ја чувствувам големината на клубот. Ќе биде голем предизвик за мене, очекувањата за оваа сезона се големи, треба да веруваме дека можеме да направиме нешто посебно“, изјави Бабунски на официјалниот сајт на Данди Јунјатед.

Тренерот на Данди Јунјатед, Џим Гудвин, истакна дека клубот во Давид Бабунски добил големо засилување за претстојната сезона во шкотската Премиерлига.

„Тој е играч што го имавме на нашиот радар подолг временски период, така што запознавањето со соиграчите на тренинзи беше исклучително пријатно. Тој веднаш ги потврди причините поради кои го доведовме во клубот, покажувајќи огромно ниво на техничка способност и желба за импресионирање“, рече Гудвин.

Давид Бабунски, кој потекнува од младинската школа на Барселона, е вториот македонски фудбалер кој идната сезона ќе настапува за Данди Јунјатед, чиј дрес го носи и Кристијан Трапановски.