Connect with us

Фудбал

Фановите на Милан сакаат да го окупираат „Мапеи“, 90.000 барања за билет, а капацитетот на стадионот е 21.000

Милан оваа сезона ги изненади сите со своите игри и е на чекор од освојување на титулата во Италија.

До крајот на сезоната останува само уште едно коло, а Росонерите ќе гостуваат кај Сасуолo. Познато е дека еден бод му е доволен на Милан за да стигне до титулата бидејќи има два бода повеќе и подобар меѓусебен сооднос од градскиот ривал Интер.

Интер, пак, игра на домашен терен против Сампдорија и ќе се надева дека Сасуоло ќе го победи Милан за да има шанса да ја одбрани титулата.

Јасно е колку овој натпревар е важен за Росонерите, а тоа најдобро го покажаа навивачите на Милан кои се подготвени да направат вистинска инвазија на стадионот Мапеи. Имено, билетите за овој натпревар беа пуштени во продажба, а по само десет минути барање за купување билет поднесоа речиси 90.000 навивачи.

„Газета дело Спорт“ пишува дека ќе биде како Милан да игра домашен натпревар бидејќи се очекува на трибините да има најмалку 18.000 навивачи на клубот од Сан Сиро.

Стадионот Мапеи има капацитет од само 21.000 луѓе и веќе на сите им е јасно дека речиси целиот стадион ќе биде исполнет со навивачи на Милан.

Потсетуваме, натпреварот помеѓу Сасуоло и Милан се игра во недела од 18 часот, а во истиот термин на „Меаца“ ќе се игра и Интер-Сампдорија, по што ќе дознаеме кој ќе биде шампион во Серија А.