Connect with us

Други спортови

Ферстапен го освои Баку, Ферари повторно го изневери Леклер!

Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, триумфираше на Големата награда на Азербејџан, осмата трка во сезоната.

Возачот на Ред Бул ја забележа петтата победа сезонава на улиците на Баку, а вкупно 25-та во кариерата, пред неговиот тимски колега Серхио Перез. Тие двајца на австрискиот тим и го донесоа третиот двоен триумф годинава.

На третото скалило на подиумот се најде Џорџ Расел во болидот на Мерцедес, што е трет подиум од почетокот на сезоната.

Покрај триумфот на бранителите на титулата, осмото коло од шампионатот го одбележа и нов дебакл на Ферари, бидејќи трката не ја завршија ниту Шарл Леклер, ниту Карлос Саинс. Леклер беше лидер на патеката во моментот кога му се расипал моторот, а профитирал од периодот на виртуелното безбедносно возило на патеката откако Саинс се откажал поради дефект на сопирачката.

Перез беше тој што поведе уште од стартот, пред Леклер и Ферстапен, така што повлекувањето на Саинс предизвика забавување на трката, која повеќето возачи ја користеа за да одат по нови гуми. Ред Бул сепак се одлучи за поинаква стратегија, што доведе до тоа Перез и Ферстапен да останат на патеката. Леклер поведе кога дуото на австрискиот тим отиде во бокс, но неговата трка заврши во 20. круг, поради дефект, сличен на оној на „Каталонија“ пред неколку недели.

Набргу потоа, Ферстапен ја зазеде првата позиција, бидејќи на Перез му беше кажано да не го предизвикува, па од тој момент двајцата возеа рутинска трка, пред Расел, кој никогаш не беше загрозен на третото место. После најдобрите тројца следеше седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој по вториот период на виртуелното безбедносно возило, по откажувањето на Кевин Магнусен, лесно го престигна дуото на Алфа Таури Јуки Цунода и Пјер Гасли. Тие двајца не го искористија забавувањето на трката за да дојдат до нови гуми, па Јапонецот всушност се најде пред возачот на Мерцедес, додека Гасли цело време беше меѓу Расел и Хамилтон.

Французинот ја мина целта на петтото место, пред возачот на Астон Мартин, Себастијан Фетел, кој имаше кратко возење во раната фаза од трката, но и спектакуларно спасување за враќање на патеката. Седмото место го зазеде двократниот светски шампион Фернандо Алонсо, кој во Баку го престигна Михаел Шумахер како возач со најдолга кариера во историјата на Формула 1, а зад него се дуото на Мекларен, Даниел Рикардо и Ландо Норис. Последниот поен му припадна на возачот на Алпина, Естебан Окон, додека Перез го освои бодот за најбрз круг.

По петтата победа, Ферстапен ја зголеми предноста на врвот во генералниот пласман и сега има 150 бодови, пред Перез со 129 и Леклер, кој остана на 116.

Следната трка во Формула 1 ќе се вози за една недела за Големата награда на Канада на патеката „Жил Вилнев“