Connect with us

Фудбал

Фудбалската класика без победник, Италија подобра од Унгарија, Турците убедливи

Во вторникот вечерта се одиграа натпреварите од второто коло во Лигата на нации.

Во групата три од Лигата А се одиграа два натпревари. Италија ја победи Унгарија со 2:1 и со тоа се најде на чело на табелата со четири бода, бидејќи во првото коло ремизираше со Германија (1:1).

„Аѕурите“ поведоа со голот на Барел во 30. минута, за на крајот на првиот дел Пелегрини да зголеми на 2-0. Автоголот на Манчини го намали резултатот на 2:1 во 61. минута, но Унгарците не успеаја да стигнат барем до бод до крајот.

Од особен интерес беше фудбалската класика меѓу Германија и Англија во Минхен. Откако мрежите мируваа во првите 45 минути, беше постигнат по еден гол на двете страни.

Германците беа подобри и сосема заслужено поведоа во 50. минута преку Хофман, а во 88. минута по прегледот на ВАР беше досуден пенал за гостите, од кој Кејн ги постави конечните 1:1.

Германците се претпоследни со два бода, а Англичаните со само еден бод на последното место на табелата.

Што се однесува до Лигата Ц, во групата 1 се одиграа два натпревари. Турција ја совлада Литванија со 6:0 на гости, додека Луксембург со двајца играчи повеќе победи со 1:0 на гостувањето кај Фарските Острови.

Турција и Луксембург имаат по шест, додека Фарски Острови и Литванија се без бодови.