Connect with us

Фудбал

Играл за Манчестер сити, а премиерлигашот нема поима за тоа!

Фудбалерот на Зимбабве, Тинотенда Чибаро (25), е можеби најозборуваниот играч на Балканов, не поради неговите „совршени“ игри во дресот на Слобода од Ужице во Србија, туку и поради тоа што своевремено го „носеше“ дресот на премиерлигашот Манчестер сити.

Оваа информација стигна толку далеку, што дури и во „граѓаните“ се зачудиле кога овој фудбалер го носел небесно синиот дрес во младинските категории, па дури и „бил капитен“ на тимот до 21 година. Но, од клубот потврдија дека никогаш не играл фудбалер со такво име и презиме, а уште помалку дека му била доверена капитенската лента.

Наводно, тој пред доаѓањето во Србија се фалел дека бил капитен на младата екипа на „граѓаните“, како и дека запишал 18 настапи зад себе во дресот на шкотски Килмарнок, но и тоа е доведено под знак прашање. Тој во интервју кое го дал за медиумите во Зимбабве во јануари годинава наведува дека е роден во Хараре, во единаесетчлено семејство и дека пред шест години бил капитен на У21 екипата на Сити, но дека понатаму не продолжило онака како што се надевал.

Бев капитен на У21 екипата на Манчестер сити, но работите не се одвиваа како што очекував. Играњето за Сити беше големо искуство кое ме разви како играч и како личност. Исто така, ми овозможи да играм заедно со некои феноменални играчи. Ме научија многу лекции. Успеав добро да се снајдам во Србија. Морам да признаам дека имаше потешкотии во првите неколку месеци, за жал бев и повреден, но со помош на физиотерапевтите успеав да се опоравам. Се игра навистина „физички“, но се трудам да се прилагодам на нивниот стил на игра, истакнал Чибаро во споменатото интервју.