Connect with us

Фудбал

Игуаин го уништи Милан

Најскапата и најзвучна летна аквизиција на калчо гигантот Милан, Гонзало Игуаин, е најголемиот виновник за поразот од 2:0 кој “росонерите” го доживеаа во дерби пресметката со неговиот поранешен клуб, Јувентус.

Аргентинскиот интернационалец прво промаши удар од белата точка при резултат 1:0 за “старата дама”, а во финишот од натпреварот заработи црвен картон поради кој ќе мора да паузира неколку натпревари. Искусниот напаѓач се пожали дека бил фаулиран од дефанзивецот на Јуве, Мехди Бенатија, но откако му беше покажан жолтиот картон, Игуаин буквално збесна, а за таквата реакција доби уште еден жолт картон.

Останатите фудбалери на Милан се обидоа да го смират и да го одалечат од главниот судија, а видливи беа и солзите на неговото лице кога го напушташе зелениот терен.

  • Сакам прво да им се извинам на тимските колеги, на нашиот тренер и на најверните фанови. Судијата добро знае што се му кажав. Сепак, и судиите треба да знаат да се носат со ситуацијата и атмосферата за време на натпреварот. Сакам уште еднаш да се извинам поради мојата реакција и јас ќе ја преземам сета одговорност, изјави по натпреварот Игуаин.

Интересно, прв кој застана во одбрана на Аргентинецот беше стрелецот на вториот погодок за Јувентус, Кристијано Роналдо.

  • Веднаш му кажав дека мора да се смири, затоа што ризикува уште подолга суспензија. Мислам дека не направи нешто многу лошо, беше изнервиран од конечниот резултат. Јас можам да го сфатам, можам да ја разберам неговата реакција. Искрено, се надевам дека нема да добие некоја поголема суспензија од неколку натпревари. Јас сум задоволен од конечниот резултат и од мојата игра. Победивме, а тоа беше многу важно поради триумфот на Наполи на гостувањето во Џенова. Одигравме добро, а јас се запишав воп листата на стрелци и му помогнав на Јувентус. Добра претстава од целиот тим против солидната екипа на Милан, изјави португалскиот интернационалец.

Едно е сигурно, бомбардерот на Милан нема да биде во комбинација за следниот првенствен натпревар против екипата на Лацио, а челниците на “росонерите” се надеваат дека Игуаин ќе добие суспензија од само еден натпревар.