Connect with us

Фудбал

Информатор, Иницијатор, Организатор

Вечер од своето формирање ја има Спортската рубрика како стожер на весникот. Со тоа, нашите читатели се редовно информирани за спортските настани и збиднувања низ земјата и на светските меридијани. Преку секојдневни вести, информации, осврти, анализи и коментари на читателите им се пренесуваат постигнувањата на македонските и на светските спортисти.

Со цел да им ги доближи автентично спортските борби, нашите новинари се присутни на сите натпреварувања во државата и во странство, а известуваат и од големите спортски настани како европските и светските првенства во фудбал, кошарка, бокс, борење, ракомет, пинг-понг, но и од олимписките игри.
Спортската рубрика на Вечер од самиот почеток на весникот ја има и улогата на иницијатор на голем број манифестации, а се јавува и како успешен организатор.

Така Вечер е еден од првите кој го почна изборот на Спортист на Македонија што долги години успешно и го спроведуваше за подоцна да прерасне во сеопшто прифатена манифестација на државно ниво. Меѓу првите сме кои медиумски го поддржавме Скопскиот атлетски маратон, кој денес е гордост на главниот град и е рамо до рамо со светските атлетски маратони, а долги низа години кошаркарите се натпреваруваа за престижниот преоден пехар на Вечер во Купот на Македонија.

За пополнување на фудбалската пауза во зимскиот период Спортската рубрика го организира и Зимскиот фудбалски турнир кој набргу прераснува и во меѓународен со настап на екипи од тогашна Југославија, но и од странство, пред се Унгарија, Романија, Бугарија…

Една од најголемите и најмасовни манифестации на весникот беше организирањето на Турнирот на Вечер во мал фудбал, што практично значеше и заживување на овој спорт во нашата Република. Во зачетоците и популаризацијата на денешниот футсал учествуваа голем број екипи од републиката, но и надвор од неа. Бројката од над 700 екипи учесници е рекордна и за денешни времиња.

На тогашните терени во салите во Автокоманда, во Расадник и на Кале покрај најдобрите македонски играчи предводени од најдобриот фудбалер на Македонија на сите времиња Дарко Панчев продефилираа и многу ѕвезди од тогашниот југословенски простор, како Милош Шестиќ, Драган Пешич, Ненад Милосавлевиќ и многу други.

Иако со кус век, сепак незаборавна манифестација беше и доделувањето на Златната копачка на Вечер во изборот на најдобриот фудбал на Македонија, она што денес е Златната копачка на ФИФА и Франс фудбал. Токму во изборот на францускит весник Л’ Екип за најдобар фудбалер на годината во светот Спортската рубрика на Вечер е единствената од пишаните медиуми која активно до денес учествува во тој избор преку доделувањето на своите гласови на носителите на Златната топка.

Спотската рубрика продолжува со успех да ги збогатува страниците на Вечер, традиција што се негува од првиот број на весникот и трае веќе 55 години со желба да продолжи понатаму и да придонесува весникот да прославува уште многу јубилеи.

Долгогодишен уредник на Спортска рубрика, Боро Тимковски