Фудбал
Ја победи тешката болест и сега ќе дебитира за Јунајтед
Манчестер Јунајтед денеска ќе го одигра натпреварот од 5. коло во Лига Европа, во кој за противник ќе го има домашниот тим на Астана. Англиската фудбалска јавност е посебно возбудена, кога е во прашање овој натпревар, затоа што менаџерот на „црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солскер, одлучи да го повика и 19-годишниот Макс Тејлор.
Причината поради која сите се возбудени лежи во фактот дека пред една година на Тејлор му беше дијагностициран карцином на тестисите поради кој мораше со месеци да биде изложен на хемотерапија.
За среќа, овој голем талент прво ја победи тешката болест, а потоа се врати на зелениот терен. Веќе денеска Макс најверојатно ќе добие шанса и да дебитира во годинашното издание од Лига Европа.
Тејлор треба да дебитира за сениорскиот тим на Манчестер Јунајтед, кој во видно подмладен состав ќе го стартува дуелот против казахстанскиот претставник Астана. Норвешкиот менаџер може да си го дозволи и тој луксуз затоа што неговиот тим веќе обезбеди пласман во 1/16 финалната рунда од најмасовното клупско натпреварување и тоа после четири одиграни натпревари во групната фаза.
Вечер