Connect with us

Фудбал

Јунајтед и Тен Хаг му даваат на Ајакс 45 милиони евра за Ентони

Претставниците на бразилскиот фудбалер Ентони веќе подолго време се во контакт со челниците на Манчестер Јунајтед, но се чека дозвола од неговиот клуб Ајакс.

Не е тешко да се погоди кој се залага за овој трансфер. Според бразилските медиуми, поранешниот тренер на Ајакс, Ерик Тен Хаг побарал од новите работодавци на Олд Трафорд да му го доведат Ентони.

22-годишниот крилен напаѓач пристигна во Ајакс во 2020 година од Сао Паоло и брзо се наметна во тимот на Ерик Тен Хаг. Сега холандскиот тренер го посакува и во Манчестер Јунајтед.

Според бразилските медиуми, Јунајтед понудил 45 милиони евра за трансферот на Ентони, но се претпоставува дека Ајакс ќе бара повеќе пари. Тој има договор до 2025 година.

Заедно со Душан Тадиќ, Бразилецот беше еден од најзаслужните за две последователни титули во Ередивизија. Минатата сезона на 33 натпревари за Ајакс во сите натпреварувања постигна 12 гола и запиша 10 асистенции.