Connect with us

Фудбал

Култниот херој на Манчестер Јунајтед го одбил трансферот во Тотенхем поради љубов кон клубот

Како што пренесуваат островските медиуми, играчот од средниот ред одбива да го облече дресот на Тотенхем, сето тоа од почит и љубов кон поранешниот клуб Манчестер Јунајтед.

Шпанскиот интернационалец Андер Ерера моментално настапува за ПСЖ, но тој требаше да биде дел од трансфер пакет и размена со Тотенхем, чиј играч за врска Тангуј Ндомбеле е на мета на Париз.

ПСЖ се надева дека ќе искористи еден од нивните играчи од средниот ред во размената, а Ерера ја одби таквата можност. Новинарот на „The Athletica“, Адам Крафтон, откри дека Ерера е експлицитно против да се приклучи на лондонскиот тим.

„Андер Ерера од ПСЖ се споменуваше како име во замена со Тангуј Ндомбеле во Тотенхем, но тој е среќен во ПСЖ и ми беше кажано дека сака да игра само за Манчестер Јунајтед во Англија и дека од љубов кон тој клуб не би преминал на друг“, објави Крафтон.

Ерера помина пет години во Јунајтед откако пристигна од Атлетик Билбао во 2014 година. За време на престојот во Манчестер ги освои ФА Купот, Карабао Купот и Лига Европа, а во 2019 година како слободен играч замина во ПСЖ.

Се тврдеше дека 32-годишниот си заминал поради несогласувања околу неговата плата, но во 2020 година тој ги разби тие приказни тврдејќи дека не се зборува за пари и дека други околности го принудиле да замине во Париз.

Ерера беше прогласен за играч на Јунајтед во сезоната 2016-2017, кога го освои Купот Карабао и Лигата на Европа под водство на Жозе Мурињо.