Connect with us

Фудбал

Лампард: Живеам и дишам за Евертон и сакам тој да остане во лигата

Менаџерот на Евертон, Френк Лампард е свесен дека славниот клуб од Ливерпул се наоѓа во тешка ситуација и дека му претстои грчевита борба за опстанок.

Евертон во сабота го пречекува Манчестер Јунајтед и стравува за опстанок, бидејќи по поразот од Барнли (2:3) е само едно скалило над зоната за испаѓање и со бод повеќе од третиот тим под линијата, Барнли.

Френк Лампард вели дека е свесен за ситуацијата и притисокот, како и дека нема проблем со шпекулациите за неговата иднина додека се обидува да го спаси Евертон од испаѓање од Премиер лигата.

Клубот од Гудисон Парк на девет првенствени натпревари под водство на Лампард победи само два пати.

„Многу добро знам како функционираат работите. Тоа го почувствував во мојата релативно кратка менаџерска кариера во текот на 18 месеци на клупата на Челзи. Можеби тоа е симптом на фудбалот во Премиер лигата. Тоа е притисок и немам проблем со тоа во смисла на шпекулации. Евертон е голем клуб, луѓето сакаат да зборуваат за тоа. Но, не губам време, само си ја работам работата“, изјави Френк Лампард во пресрет на важниот натпревар со Јунајтед.

Евертон е еден од шесте клубови кои никогаш не испаднале од Премиер лигата, покрај градските ривали Ливерпул, Манчестер Јунајтед и трите великани од Лондон – Арсенал, Тотенхем и Челзи.

Евертон последен пат испадна од елитата во 1951 година. Сега има девет натпревари до крајот на сезоната 2021-2022 за да го задржи статусот во Премиер лигата.

„Знам како им е на навивачите, тие имаат страст, живеат и дишат за овој клуб. Можам само да кажам дека иако сум овде фигуративно само „пет минути“, живеам и дишам за Евертон и сакам да останеме во лигата“.

Лампард вели дека најлошото нешто е ако станат хистерични.

„Ако станеме хистерични, готови сме. Имаме работа и треба да се справиме со тоа. Можам само да ги замолам навивачите да дојдат на Гудисон и да бидат апсолутно со нас – како што тоа го прават откако сум јас овде. Резултатите се пресвртна точка“.

Натпреварот меѓу Евертон и Манчестер Јунајтед е на програмата од 13.30.