Фудбал
Лионел Меси ги собира поранешните ѕвезди во Мајами
Челниците на Интер Мајами предводени од Дејвид Бекам решија да го опкружат Лионел Меси со бројни поранешни големи ѕвезди на светскиот фудбал во нивната потрага по титулата во МЛС лигата.
Откако Меси не успеа да стигне до трофејот со поранешните соиграчи од Барселона Луис Суарез, Жорди Алба и Серхио Бускетс, се чини дека неговиот нов соиграч ќе биде еден од неговите големи ривали. Имено, Колумбиецот Џејмс Родригез (33), кој шест години во Реал Мадрид се бореше со Меси и Барселона, е на прагот да премине во Интер.
Родригез моментално е играч на Рајо Ваљекано, но по разочарувачката полусезона и двете страни сакаат да го раскинат договорот со заедничка согласност. Според шпанскиот весник As, Џејмс е на прагот да замине во Интер Мајами. Доколку тоа се случи, капитенот на Колумбија првпат во кариерата ќе игра со Меси откако повеќе од една деценија се големи ривали во клупски, а особено на репрезентативен план.
Последен пат тие играа еден против друг во финалето на минатогодишната Копа Америка кога ги водеа своите тимови како капитени. Колумбија на Џејмс беше поразена, а златото го освоија Аргентинците.