Ракомет
Македонските ракометарки изборија бараж за СП 2019
Македонската женска ракометна репрезентација го доби и третиот меч во квалификациите за бараж дуелот за Светското првенство откако денеска ја победи Турција со 30:23 и дојде на една пречка до враќање на големите смотри.
Македонските ракометарки одиграа одличен квалификациски турнир во Скопје, по Азербејџан и Исланд, денеска падна и селекцијата на Турција. Избраничките на Симе Симовски доминираа во текот на целиот натпревар и го имаа резултатот под контрола.
Главниот дел од работата ракометарките го завршија во првото полувреме кое го добија со 16:10, во вториот дел само ја одржуваа високата предност за на крајот да слават со 30:23.
Сара Ристовска со осум голови беше најефикасна и на денешниот натпревар, Саздовска постигна шест.
Македонија наскоро ќе го дознае и противникот за бараж дуелот за Светското првенство, ждрепката ќе се случи во последната недела од Европскиот шампионат кој е во тек.