Connect with us

Фудбал

Манчестер Јунајтед испратил шокантна порака до сите вработени во клубот!

Малцинскиот сопственик на Манчестер Јунајтед, Џим Ретклиф, кој има план да стане мнозинство во иднина, одлучи да направи пресврт во клубот. Само неколку дена откако Јунајтед го освои ФА Купот победувајќи го градскиот ривал Сити (2:1), сите вработени во клубот добија доверлив мејл кој брзо „протече“ во јавноста.

Манчестер Јунајтед сака итно да го намали бројот на вработени, за да ги намали трошоците и порационално да ги троши парите, но во исто време да го задоволи финансискиот фер-плеј. Затоа Јунајтед има предлог за своите работници: тие им испратиле е-пошта со ветување дека предвреме ќе им ги платат годишните бонуси, под услов да дадат отказ.

А, за тоа имаат точно седум дена да одлучат, односно рокот истекува следната среда. Споменатата мерка се однесува за повеќе од илјада луѓе, но не и за оние кои се дел од стручниот штаб, секако не и за играчите. Станува збор за луѓе кои се вработени на различни позиции, од „помали“ на самиот стадион, преку администрацијата, до оние во младинската школа.

Дали ќе го прифатат бизнис моделот на Ретклиф, останува да видиме. Манчестер Јунајтед неодамна објави извештај според кој загубил 50 милиони евра за минатата сезона, а ќе видиме дали воопшто ќе игра во Европа, бидејќи има проблеми со УЕФА токму поради Џим Ретклиф, кој е и сопственик на француска Ница.