Фудбал
Марота: Сакаме да го продолжиме договорот со Лаутаро Мартинез
Извршниот директор на Интер, Џузепе Марота изјави дека миланскиот клуб преговара за продолжување на договорот со аргентинскиот фудбалер Лаутаро Мартинез, пренесуваат италијанските медиуми.
Мартинез (26) во Интер пристигна во 2018 година од Расинг за околу 23 милиони евра. Тој има договор со миланскиот клуб до 30 јуни 2026 година.
„Во преговори сме со Лаутаро и неговите менаџери за финализирање на новиот договор. Ние сме многу мирни во врска со тоа. Верувам дека нема да има проблеми во преговорите, бидејќи Мартинез сака да продолжи да игра за нашиот клуб“, изјави Марота.
Во Торино, Интер ремизираше со Јувентус (1:1) во 13. коло од Серија А, а единствениот гол за миланскиот клуб го постигна Лаутаро Мартинез во 33. минута.
Аргентинскиот напаѓач за Интер одигра 255 натпревари и постигна 117 голови. Со миланскиот клуб освои пет трофеи. Мартинез за аргентинската репрезентација настапи на 54 натпревари и постигна 21 гол.