Фудбал
Мората во Милан, а Игуаин во Челзи
Ако им се верува на англиските медиуми, тогаш голема е веројатноста да бидеме сведоци на една спектакуларна размена за време на зимскиот преоден рок. Раководните лица на лондонскиот премиерлигаш Челзи и на италијанскиот калчо гигант Милан ќе се обидат да најдат заеднички јазик околу размената на напаѓачите.

Менаџерот на “сините”, Маурицио Сари е голем фан на Гонзало Игуаин со кого имаше одлична соработка додека двајцата беа дел од Наполи. Италијанскиот стручњак сака во вториот дел од сезоната на располагање да ги има и услугите на аргентинскиот интернационалец.
Од друга страна, Сари повеќе не смета на услугите на шпанскиот интернационалец Алваро Мората, кој има сериозен проблем со реализацијата и со самодовербата. Мората веќе подолг период важи за голема желба на актуелниот тренер на Милан, Џенаро Гатузо, но евентуалната размена ќе зависи и од ставот на Јувентус, затоа што Игуаин е во сопственост на “старата дама”, а на “Сан Сиро” игра како позајмен играч.
Познатиот италијански новинар Лука Маркети потенцира дека “росонерите” сакале да ги осигураат услугите на Мората веќе во 2017 година, но Шпанецот ја прифатил понудата на лондонскиот премиерлигаш.