Connect with us

Тајмаут

Навивачите на Хамбург го подмитуваат Келн со 1.500 литри пиво за да победи

Викендов се игра последното коло во Бундеслигата. Шампионот е познат уште од пред неколку кола, но останува борбата за опстанок. 

Дуелите се играат во сабота во 15.30 часот, а сите погледи ќе бидат вперени кон два натпревари, Волфсбург против Келн и Хамбургер против Борусија Менхенгладбах.

Овие два натпревари ќе одлучат дали Волфсбург или Хамбургер ќе испаднат директно во втората лига или еден од нив ќе успее да се избори за бараж за опстанок.

Тимот од Хамбург никогаш во својата историја од формирањето на Бундеслигата не испаднал од елитата, а сега е многу близу до такво нешто. За да не испадне треба да ја победи Борусија Менхенгладбах, но во исто време Келн, кој веќе е испаднат, да направи сензација и да го победи Волфсбург, кој има два бода повеќе од Хамбургер.

Поради ова, навивачите на Хамбургер ги молат фудбалерите на Келн да одиграат максимално ангажирано и да се обидат да го победат Волфсбург. Како за мотивација еден навивач на тимот реши на „Твитер“ да им понуди 50 литри пиво на фудбалерите на Келн. Оваа негова иницијатива стана вирална, па се приклучија и други навивачи.

Сега премијата за Келн е 1.500 литри пиво, доколку успеат да го победат Волфсбург на гостински терен во сабота.