Connect with us

Фудбал

„Не би дал луда цифра за Халанд, би потрошил пари на човек кој е најдобар на светот“

Легендата на бразилскиот фудбал и Барселона, 38-годишниот Дани Алвеш, смета дека каталонскиот гигант треба да ги насочи парите за доведување на Килијан Мбапе наместо да сака да го доведе Ерлинг Халанд.

Алвеш смета дека Мбапе е многу покомплетен фудбалер од Халанд, дека моментално е најдобар во светот и дека одлично би се вклопил во играта на Каталонците.

„Халанд или Мбапе? Мбапе е покомплетен играч од Халанд во сите аспекти на играта. Не би полудувал по Халанд. Искрено, не би потрошил премногу пари на него. Наместо тоа, би ги потрошил на Мбапе“, рече Алвеш, додавајќи:

„Би потпишал со Мбапе. Тој е најдоброто можно решение за стилот на игра на Барса. Моментално нема подобар во светот“, изјави Алвеш.

Алвеш го објави и името на момчето кое е вистински лидер во соблекувалната на Барселона.

„Араухо е клучен играч во тимот. Сите тимови треба да имаат играч како него. Тој е силен и карактеристичен. Тој може да биде голем лидер во иднина. Кога ветераните ќе заминат, играчите како него ќе мора да истапат напред“.

Искусниот Бразилец ги пофали младите фудбалери на Барселона. Посебно ги истакна Гави и Педрија.

„Гави и Педри се фудбалери кои можат да одбележат една ера, како што направија Чави и Иниеста. Тие имаат апсолутно се што им е потребно за да станат големи фудбалери. Гави ме шокираше. Не ни слушнав за него додека не дојдов. Неверојатен играч. Тој е поагресивен од Педри, кој од друга страна напредува многу и може да постигне повеќе голови од Чави и Иниеста“.

Дани Алвеш пристигна во Барселона за да му помогне на тимот во тешките моменти и многу е можно да остане и следната сезона. Тој игра за едно евро и има многу добри игри.

„Се уште не знам дали ќе останам. Тоа е планот, но никој ништо не ми кажа. Покажав дека можам да помогнам. Чест ми е што се вратив, но не дојдов да се пензионирам, туку да покажам дека можам уште многу“, изјави Алвес.