Фудбал
Нема веќе трпение поради Де Лаурентис

Јувентус го запиша вториот првенствен кикс откако освои само еден бод на тешкото гостување во Бергамо. Благодарение на Кристијано Роналдо, кој постигна израмнувачкиот погодок (2:2), “старата дама” остана непоразена во актуелната сезона со скор од 16 победи и две ремија. Иако во финишот од натпреварот, судијата оправдано го поништи погодокот на Леонардо Бонучи, предводникот на Јуве, Масимилиано Алегрии, дивееше пред телевизиските камери поради последните коментари на сопственикот на Наполи, Аурелио де Лаурентис.
Првиот човек на “азурите”, Аурелио де Лаурентис, пред стартот на првенствената пресметка помеѓу Интер и Наполи изјави дека е загрижен поради фактот дека главен арбитер на натпреварот ќе биде Паоло Маѕолени.
- Секогаш беше лош кога му судеше на Наполи. Секогаш, лоши вести добиваме од Маѕолени и Рицоли. Требаше да добиеме помош од ВАР, но секогаш имаше по некоја катастрофална грешка, изјави Де Лаурентис.
Таквата изјава на сопственикот на Наполи, не му се допадна на тренерот на Јуве.
- Веќе немам трпение. Јас никогаш не зборам за судиите. Банти денес беше добар. Сепак, слушнавме тешки изјави од сопствениците на клубовите. Не е убаво да се алудира на нешто со ваквите изјави. Можам да направам сцена, но тоа е погрешно. Во Италија ништо не се учи. Жал ми е за италијанскиот фудбал, нема желба да се поправи ситуацијата. Беше прекрасно во Бергамо, но ние секогаш збориме за нешто друго. Немам повеќе трпение. Поради некои луѓе, италијанскиот фудбал не напредува, изјави Алегри.