Connect with us

Фудбал

Никој не го разбира потегот, Баерн Минхен ангажираше тренер кој со Барнли испадна од Премиер лигата!?

Се чини дека на повеќемесечната сага околу изборот на нов тренер на Баерн и дојде крајот, откако бројни релевантни медиуми и новинари објавија дека баварскиот тим постигнал договор со белгискиот стручњак Винсент Компани. Списокот на тренери кои одбија да седнат на клупата на Баерн е навистина долг. Претходно одбиваа од Чаби Алонсо, Џулијан Нагелсман, Ралф Рангник и Ханси Флик, а сега од Баерн направија потег кој речиси никој не го разбира со оглед на тоа дека се работи за тренер кој штотуку испадна од англиската Премиер лига со Барнли.

Баерн постигна вербален договор со Компани и зделката треба наскоро да биде официјализирана. Останува само Баварците да се договорат со Барнли за отштетата што ќе ја платат за белгискиот тренер и тоа не би требало да биде проблем. Компани, еден од најдобрите белгиски фудбалери во историјата, тренерската кариера ја започна во Андерлехт во 2019 година, освојувајќи две трети места и стигна до финалето на Купот, а од 2022 година е тренер на Барнли, кој го водеше од Чемпионшип до Премиер лигата во својата прва сезона на клупата. Од многу дефанзивен второлигаш, Компани формираше многу офанзивен и атрактивен тим и со тоа го привлече вниманието во Европа. Сепак, во елитната класа на англискиот фудбал, Барнли не се прослави и со само пет победи испадна од лигата како претпоследен. Поради ова имаше многу критики за Компани дека делува премногу нефлексибилно и тврдоглаво и дека не отстапува од својот офанзивен стил на игра. И многу англиски експерти се изненадени од изборот на Баерн, иако Компани се уште важи за интересен тренерски талент.