Фудбал
Паоло Малдини на средбата во Мадрид: Тројца играчи на Реал на мета на Милан
Следната недела директорот на Милан и легендата на тој клуб, Паоло Малдини, ќе одржат состанок со раководството на Реал Мадрид.
Малдини заминува во Мадрид со желба да обезбеди дел од засилувањата од шпанскиот шампион за Милан. На неговата листа на желби се тројца фудбалери на Реал.
Една од желбите е Оскар Родригез кој минатата сезона играше на позајмица во Леганес. Младиот Шпанец (20) игра во средниот ред, а на Милан му треба токму таков играч затоа што си заминуваат Лукас Биглија и Џaкомо Бонавентура.
Реал не смета на услугите на младиот играч од средниот ред, но сепак го вреднува 20 милиони евра. Што се однесува до преостанатите двајца играчи, тие се крилниот напаѓач Брахим Дијаз и напаѓачот Лука Јовиќ.
Милан би го довел Дијаз на позајмица со можност за купување на договорот на крајот на сезоната, додека прашањето за трансферот на Јовиќ е нешто посложено. Реал за него плати 65 милиони евра и е подготвен да го пушти, но не по секоја цена.
Италијанците ќе имаат ограничен буџет и ова лето, така што Јовиќ можеби не е реална цел за трансферот. Во меѓувреме, доаѓањето на Тиму Бакајоко од Челзи е сè поизвесно. Тој е играч од средниот ред кој веќе играше на позајмица во Милано и имал многу добра врска со „росонерите“ од тогаш.