Connect with us

Фудбал

По 20 години се огласи човекот кој беше избркан од Перуџа затоа што ја исфрли Италија од Мундијалот

На Светското првенство во 2002 година, Јужна Кореја ги шокираше сите со пласманот во полуфиналето, а во центарот на вниманието тогаш беше напаѓачот на оваа селекција Ан Јунг-хван.

Јужна Кореја на овој Мундијал што се играше во таа земја и Јапонија заврши на четвртото место, што никој не можеше да го очекува пред почетокот на натпреварувањето.

Оваа одлична репрезентација блесна на Мундијалот, а најголем резултат беше кога во осминафиналето ја победи Италија. Тогаш херој беше само Ан Јунг-хван кој го постигна златниот гол во продолжението за конечни 2:1 и ги испрати Азурите дома.

Интересно, Ан тогаш беше член на италијанска Перуџа и на Апенините доби жестока опомена затоа што постигна гол на тој меч и ги исфрли Италијанците од Мундијалот.

Следниот ден Перуџа реши да го избрка Ан од клубот, што беше преседан во светот на фудбалот. Претседателот на клубот Лучијано Гаучи тогаш му рекол дека не мора да се враќа во Италија и дека повеќе не е член на Перуџа.

„Па, не разбирам што е чудно кај вас? Немам намера да му платам на фудбалерот кој го уништи италијанскиот фудбал“, изјави тогашниот претседател на италијанскиот клуб само еден ден по натпреварот.

Ан потоа реши да се врати во Азија каде играше во Јапонија за Шимиза и Јокохама, а три години подоцна повторно дојде во Европа и играше за Мец и Дуизбург каде што навистина не се прослави.

Кариерата ја заврши пред 11 години во дресот на Далиан Шиде, а неодамна во нов документарец на ФИФА по 20 години изјави дека не му е жал што по Светското првенство се тргнало вака и дека повторно ќе го направи истото.

„Нема закон кој вели дека ми е забрането да постигнувам гол против Италија. Сега кога ќе го погледнам сето тоа, би ја сменил целата кариера за само еден гол против Италија. Воопшто не жалам за тоа и тоа е најгорд момент во мојата кариера. Она што го направи Перуџа поради тоа е нивен проблем. Никому не му е забрането да дава голови за својата репрезентација против Италија“, рече Ан.

46-годишникот одигра 71 натпревар и постигна 17 гола во својата играчка кариера за репрезентацијата на Јужна Кореја, а моментот против репрезентацијата на Италија секако ја одбележа целата негова кариера.