Connect with us

Фудбал

Почнува нов циклус за Македонија, сите се убедени на победа против Бугарија

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) го стартува походот во новото издание од Лигата на нации. Прв ривал на селекцијата на Благоја Милевски е Бугарија на „Лудогорец арена“ во Разград.

Важно е да се стартува со позитивен резултат, а сите во македонскиот табор посакуваат победа.

Иако има мали дилеми во средниот ред, селекторот Милевски ќе го почне мечот со најдобриот тим со кој располага во овој момент. Со оглед дека ги нема капитенот Стефан Ристовски и Аријан Адеми, ќе мора да има одредени промени.

На голот ќе биде Столе Димитриевски, а во одбраната ќе делуваат Ашковски, Велковски, Муслиу и Алиоски. Искусниот Стефан Спировски треба да го менува Адеми во средниот ред и ќе игра заедно со Енис Барди и со Елиф Елмас. По крилните позиции се поставени Дарко Чурлинов и Александар Трајковски, а централен напаѓач е Милан Ристовски.

-За мене фаворитот треба да се покаже на терен. Денес, фаворити пред натпревар не постојат. Оваа група е изедначена. Единствена наша цел е да дадеме максимум за да извлечеме позитивен резултат, изјави селекторот Благоја Милевски .

Бугарските медиуми го објавија и составот на протовникот. На голот на Бугарија ќе биде Николај Михаилов, а во одбраната ќе бидат распоредени Антон Недјалков, Иван Турицов и браќата Андреа и Петко Христови како централни стопери.

-Имаме искуство во тимот подготвени сме да играме паметно и кога ние сме фаворити. Имаме победнички менталитет, но овие натпревари се потешки од претходните од баражот. Многу ни е важно добро да стартуваме. Успехот на селекцијата ни е најважен, вели Барди

Во средниот ред ќе делуваат Филип Крастев, Ивајло Чочев и Тодор Неделев. На крилните позиции се Георги Миланов и Кирил Десподов, а најистурен кон голот на Македонија треба да биде Атанас Илиев.