Connect with us

Други спортови

„Пол-позиција“ за Леклер во последните секунди, враќање на Мекларен, се разбуди Хамилтон

Возбудувањата во Формула 1 продолжуваат и овој викенд.

Третата трка од сезоната 2022 е закажана, а најбрзите возачи на денешницата се во Океанија, каде утре ќе се вози трката за ГН на Австралија на легендарниот Мелбурн Парк.

Како најава за утрешната трка, утрово имавме одлични квалификации, а возачот на Ферари, Шарл Леклер стигна до пол-позицијата со време 1:17.868. Од првата стартна линија ќе стартува и Макс Верстапен од Ред Бул.

Верстапен водеше, но Леклер успеа да дојде до најдобрата стартна позиција во последните секунди од квалификациите.

Од третото место ќе стартува Серхио Перез од Ред Бул, а од четвртото Ландо Норис од Мекларен, кој го најави излезот од кризата за Мекларен по скромниот старт на сезоната.

Луис Хамилтон имаше многу добри квалификации за разлика од првите две трки и ќе стартува од петтата позиција, а друштво во третиот ред ќе прави неговиот тимски колега од Мерцедес Џорџ Расел.

Во ТОП 10 завршија и Даниел Рикиардо (Мекларен), Естебан Окон (Алпин), Карлос Саинц (Ферари), Фернандо Алонсо (Алпин).

Квалификациите ги одбележа и судирот помеѓу Николас Латифи и Ленс Строл во првиот квалификациски сектор, по што квалификациите беа прекинати на 15 минути. Најважно е што двајцата возачи се добро, поминаа без повреди и утре ќе бидат на стартот на трката.