Фудбал
Попов пред дербито со Шкендија: Ако први постигнеме гол, тешко ќе не победат
Капитенот на ФК Вардар, Горан Попов ги истакна своите очекувања од утрешниот прв натпревар во рамките новиот шампионат 2018/2019 во ПМФЛ, во кој „црвено-црните“ гостуваат на шампионот Шкендија во Тетово.
Најтрофејниот македонски клуб стартува со истиот противник на истиот терен, како и лани.
– Шкендија го има нашиот респект, затоа што во квалификациите во Лигата на шампионите покажаа дека дека имаат квалитет. Меѓутоа со Вардар, Шкендија секогаш имала проблем во минатото особено на домашен терен. Ако први постигнеме гол во Тетово, ќе биде тешко да не победат. Одиме подготвени во Тетово да се надигруваме. Јас ќе бидам реален и ќе кажам дека на хартија Шкендија во моментов има поквалитетна екипа од Вардар, меѓутоа добро е познато дека на вакви натпревари одлучуваат инспирација, желба, мотив…, изјави Попов.
Според него, Вардар оваа година има млада екипа и неколку засилувања на кои што им треба време да се адаптираат во новата средина.
– Не сме запознаени меѓу себе. Затоа и се случи тоа што се случи во Европа, додаде капитенот.