Connect with us

Фудбал

Познат тренер обвинет за расизам затоа што го пофалил Мбапе

Репрезентацијата на Франција беше поразена од Хрватска со 0:1 во 4. коло од Лигата на нации, но Килијан Мбапе повторно доби високи пофалби.

Килијан Мбапе во последните години беше опишан како еден од најдобрите фудбалери во светот, а Французинот беше пофален од Арсен Венгер, поранешен тренер на Арсенал кој моментално е на позиција во ФИФА.

Сепак, зборовите на Венгер предизвикаа контроверзии откако тој рече дека Мбапе немаше да го достигне ова ниво доколку беше роден во Камерун.

Мбапе е роден во Франција, но неговите родители се од африканскиот континент. Неговиот татко Вилфрид Мбапе е од Камерун, додека неговата мајка Фајза Ламари е од Алжир.

„Да беше Килијан Мбапе роден во Камерун, немаше да стане напаѓач каков што е денес. Тоа е разликата меѓу Европа и остатокот од светот“, изјави Арсен Венгер, цитиран од „Мундо Депортиво“.

Зборовите на Венгер стигнаа до ушите на официјалните лица од КОНМЕБОЛ, домот на фудбалот во Јужна Америка, кои дадоа официјална изјава до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Тие остро ги осудија изјавите на Венгер и рекоа дека јужноамериканскиот форум е решен да се бори против дискриминаторските и расистички зборови и гестови.

„Зборовите на Венгер, покрај тоа што покажуваат невообичаено незнаење за вредниот придонес на африканските фудбалери, покажуваат и дискриминација на неевропските фудбалери и фудбалските институции. Често се случува таквите изјави да се формулираат на начин што изгледа разумно и интелигентно“, велат од КОНМЕБОЛ.