Connect with us

Тајмаут

Промовиран филмот за ФК Вардар „Еден живот, една љубов“

Под насловот „Еден живот, една љубов“, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар и официјално доби свој документарен филм.

Филмот ќе биде прикажан како серијал поделен во три епизоди, а го изработи српската продукција „ПГМнетворк“ од Белград, а е сниман по идеја на македонскиот новинар Живко Здравковски.

Во него е опфатено 70-годишното постоење на клубот, низ кое како наратор се појавува вардаровата легенда Дарко Панчев, а преку интервјуата на 29-мина поранешни членови, спортски новинари, коментатори, се раскажува историјата на ФК Вардар.

На денешната промоција која се случи во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК), беа присутни бројни легенди на клубот, но ниту еден член на актуелното раководство или од сегашниот тим на црвено-црните.

Присутни на промоцијата на филмот беа претседателот на МОК, Васил Тупуровски, но и Ѓоре Јовановски, Вујадин Станојковиќ, Ванчо Балевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Томовски, Драган Мутибариќ, еден од најдобрите вардарови навивачи Драган Димовски, како и доајените на македонското новинарство кои говорат во документарецот Атанас Костовски и Ивко Панговски…

– Беше уживање да се работи оваа приказна. Со оглед на тоа дека сме продукција од Белград, не сакавме вашата приказна да ја раскажуваме ние,па затоа решивме тоа да го направат вардаровите легенди“, истакна Катерина Синѓелиќ која заедно со Радован Максимовиќ директорот на „ПГМнетворк“, се јавуваат како потписници на овој филм.

Премиерата на ТВ екраните, документарниот филм за Вардар ќе ја има околу Нова година, на српската телевизија „Арена спорт“, а како што најавија од продукцијата, во преговори се да биде прикажува и на некоја од македонските телевизии.